Saturday, April 24, 2010

Приватни vs Државни Образовни Установи

Овој двобој претставува вечна дебата на форумите па решив да направам една анализа која можеби ќе им помогне на оние кои се двоумат во какви услови да го продолжат своето образование (приватни или државни). Оваа статија не се однесува само на универзитетите, туку и на средните училишта со оглед на тоа што секоја година се зголемува бројот и на приватните гимназии.

До пред неколку години, не постоеше приватно образование (барем колку што јас се сеќавам), сите учеа на подеднакви рамноправни универзитети и училишта. Изборот на смерови бил од секогаш добар, но дали биле задоволни оние кои учеле таму е под знак прашалник затоа што денес сите знаеме кој е синонимот за поимот “државно”.  Но тие времиња се сменија уште со отворањето на приватната гимназија НОВА која се смета за најстара приватна образовна институција која е основана во 1992 година но тогаш како училиште за странски јазици па потоа преобразено во гимназија. Покрај неа тука е и Јахја Кемал, 5та Приватна гимназија итн… каде родителите треба да издвојат помеѓу 2500 и 4500 евра годишно што е сума која за најголем дел од населението е недостижна, дури и како десетгодишна заштеда.

Што е всушност финтата со овие приватни средни училишта? - Посетителите на приватните училишта не се вознемируваат од познатата поговорка „Тепајте ги децата штом ќе видите дека ќе личат на вас“ - нивното потомство дефинитивно нема да личи на нив уште од нивната тинејџерска доба, „проголтано“ од воспитувањето и образованието кое порано можело да се види само во кино, за време на гледањето некој странски филм. Па да, на некој начин ова е точно, бидејќи во приватното училиште си третиран онака како што би требало да бидеш третиран според сите стандарди. Велат дека приватното образование дава можност учениците да добијат подобро знаење, поквалитетно да учат, во подобри услови, каде што редовно ќе има греење, а не како оние ученици во државните училишта што одат на училиште по еден месец без парно. Во врска со условите, точно е. Дека нема никакви услови во државните средни училишта е точно, но во врска со квалитетот на образованието, не се согласувам. Програмата не е така лоша, потребно е само да се учи и нема воопшто да заостанеш зад некој што завршил во приватно училиште. Од друга страна некои велат дека не ни се потребни приватни училишта во нашава држава, поради тоа што во моментов владее сиромаштија, а голем процент од луѓето не можат да постигнат да купат неопходни материјали за своите деца, поради тешката финансиска состојба. Ако гледаме од таа гледна точка, во нашата држава од секогаш владеело сиромаштија, но секогаш има семејства кои можат да си дозволат 3000 евра годишно за партиципација на своето дете.

Во поглед на универзитетите, дилемата е далеку поголема и поразлична. Денес владее мислењето дека ако одиш на приватен универзитет ти автоматски си се одлучил да си ја купиш дипломата без грам вложен труд. Од друга страна ако се одлучиш на државен универзитет, ти си се осудил да не се оттргнеш од книгата во текот на студиите, се ставаш под знак прашалник дали некогаш ќе ја добиеш преценетата диплома, но сигурен си дека имаш стекнато доволно знаење за да му го земеш работното место на оној што завршил на приватниот универзитет. Ај сега да бидеме малку реални. Ако студентот е спремен да учи, тој ќе го добие знаењето без разлика дали се запишал на ФОН или на некој од факултетите на УКИМ. Дека ти е загарантирано работното место после добивање диплома од државен универзитет, НЕ Е. Доказ се безбројните невработени дипломци што си ги чуваат дипломите во рамка од 50 денари закачени на ѕидот во своето мало собиче.

Во врска со условите за учење речиси е подеднакво со она што го наведов за средните училишта. На државен факултет имаш групи од 50 до 100 студенти, каде на приватен тие бројки се поделени со два. Речиси истите професори што предаваат на државните предаваат и на приватните универзитети но разликата е во тоа што на државен професорот нема време да се замара со тоа што ти си имал проблем со дел од материјалот, додека на приватен има време цел ден да остане и да ти објасни тоа што те интересира. Велат дека има големи разлики во обемот (пази обемот а не квалитетот) на материјалот што се изучува. Ајде пак да бидеме реални, дали книгата од 400 страници на Економски факултет во Скопје содржи 100% материјал што ќе ти биде потребен во иднина? На тоа се базира понудата на материјал на приватниот факултет. Отстрането е тоа што сметале дека нема да ти притреба никогаш во животот и истата книга е намалена на 250 страници кои студентите од државните факултети на шала ја нарекуваат “скрипта”. Тоа е во врска со предностите на приватните факултети.

Но што е тоа што отвора безбројни дебати помеѓу студентите ако се е толку розово на приватните а се толку црно на државните универзитети? – Одговорот лежи во барањата од студентите за да положат еден испит. За да положиш Компјутерски архитектури на Електро факултет во Скопје со оцена 6, ти треба толку добро да си го научиш материјалот што ќе паметиш уште 10 години после дипломирање од што си се изушурил од учење. Од друга страна на приватните, добивање оцена 6 е на некој начин ПРЕМНОГУ олеснато. Доволно е да научиш дел од материјалот за со краток одговор да го решиш прашањето, ИАКО за да положиш и таму и таму ти треба повеќе од 60% од испитот (иако на државните мислам дека беше 50% не вреди да се споредува вклучениот материјал во тие проценти). Тоа е она што ги привлекува студентите кај приватните факултети, на полесен начин може да се земе дипломата иако не е можно без капка вложен труд. “Купување” на дилпома ако се земе во буквална смисла на зборот е повеќе карактеристично на државните факултети кои се познати по нивната корупција така да голем проблем за тие студенти е тоа што ако професорот реши да не положиш, не те спасува ни дедо Боже (во краен случај 200-300 евра во индекс).

Тоа е она што ја прави вистинската разлика помеѓу овие две категории иако како што наведов на почетокот, доколку сакаш и имаш желба да научиш, можеш да го постигнеш тоа било каде. Дипломата што ќе ја добиеш не ти вреди без знаењето. Кога ќе одиш на интервју за работа нема да те прашаат “на кој универзитет дипломираше?”, туку “што знаеш?”. Се разбира главна разлика е и цената на школувањето каде државната е за буквално 10 пати помала од приватната партиципација, иако постојат стипендии кои можат да ти ја намалат таа разлика значително.

Постојат и уште еден тип на факултети, кои се сметаат за државни и спаѓаат под универзитетите во Скопје, Битола, Охрид или не знам каде но се наоѓаат во помалите градови како оние во градот Велес. Овие факултети ги сметаат за установи каде дипломираш речиси бесплатно и излегуваш со истиот памет како што си влегол. Јас искрено немам некоја претстава за овие факултети, но од зборувања на мои блиски знам дека се карактеризираат со никаков степен на ригорозност при што секој може да препишува во секое време на испит а професорот не бара речиси ништо од студентот. Мој роднина коментираше дека доволно е помалку од еден час спремање + опрема за препишување за лесно да добиеш оцена 9. Всушност неговиот просек е речиси 9 со не-учење, нешто што не постои на горенаведените примери во останатите категории. Но се надевам дека и овде важи истото, дека ако студентот има желба да научи, тоа нема да му биде одземено.

Толку!

3 comments:

  1. Колега, брат ми е на факултетот у Штип, малце е ригорозно со професорите. Али у принцип може да се рече дека е 90% слично на штулов 10% отпаѓа на трчање по потпис :)
    поздрав,
    Commie

    ReplyDelete
  2. Статијава е базирана на озборувања што фрчат постојано низ форуми и факултети. Треба да студираш на факултетот за буквално да знае човек како стојат работите. (:

    chill!

    ReplyDelete
  3. South East European University :D Moznosti poveke od bilo kade :DDDD

    ReplyDelete

Тука можеш да оставиш коментар поврзан со конкретната статија.