Monday, December 7, 2009

Велес - Part I

Ако почнам со анализа на името на мојот омилен град, ќе добиете погрешна слика за градот. “Велес” значи Бог на говедата, но тоа нема никаква поврзаност со градот. Поранешниот ТИТОВ Велес е централниот град на нашата бедна државичка. Во овој град сум израснал и вечно ќе ми недостига, каде и да сум.

Велес е прилично карактеристичен град од било која гледна точка. Реката Вардар го дели на два дела при што двата дела на градот меѓусебно се нарекуваат “отспротива”. Реката тече помеѓу двата високи ридови Вршник – десно и Свети Илија – лево. Левата страна е значително помала од десната и се состои воглавно од главниот пазар кој функционира три дена неделно (недела, вторник и петок). Останатиот дел се состои од домови, претежно куќи. На овој дел од градот се наоѓа познатата Костурница – најголемиот изграден мозаик во нашата држава. Местото претставува културен споменик на нашиот град каде се наоѓаат спомен плочи од голем број македонски борци. Исто така на оваа страна од градот може да ја видите единствената Џамија во нашиот град. Го добила името Црна Џамија поради тоа што некогаш имало пожар при што изгорел дел од неа. Овде се наоѓа и нашата Автобуска станица, која е во фаза на реновирање. Двата дела се поврзани со 3 моста. Стар мост, Нов мост и Мало мовче. Може да се брои и Железен мост но тој е наменет за возови иако има простор и за пешачење.

Десната страна на градот се состои од неколку населби: Центар, улица Благој Ѓорев позната како Нова населба, населба Тунел, населба Дворови, Којник и едно мал населен дел од градот наречен Шорка. Центар не е навистина центарот на градот но не е битно. Навистина добро среден дел од градот со стари згради реновирано во скоро време со нови карактеристични фасади. Тука се наоѓа некогашната Стоковна Куќа. Стоковната е историско место. Се сеќавам како мал, внатре можеше да се најде се и сешто. Но не знам од која причина пред неколку години престана да функционира како стоковна, па местото го распродадоа на помали дуќани и тезги. Сега е еден вид на мини-трговски или подобро мини-пазарче за џиџи-миџи. Околу Стоковната може да се најдат голем број на банки а во самиот строг центар се наоѓа кружен ток каде во средина се наоѓа споменик на велешките илинденци (Војвода на коњ). Десно од него има друг споменик на велешкиот поет – Кочо Рацин. Тука некаде се наоѓа единствениот хотел во градот, Интернационал кој не функционира повеќе од 10 години. Плоштадот се наоѓа пред самиот хотел, каде што се наоѓаше некогашото корзо за младината.

Кога ќе продолжиш нагоре од Центар, прва населба што ја сретнуваш е населба Дворови. Фино средено место, нема многу што да се види освен пругата, Економското училиште (некогашен Трајко Андреев) и познатиот Железен Мост. Навистина цврста градба на мост што воодушевува, особено ако пешачиш по него (50-50 е дека ќе стасаш жив на другата страна).
Нова Населба ти е современиот дел од градот. Тука денес можеш да најдеш само згради, бутици, продавници и голем број на кафиќи. Овде е преместено корзото од Центар, поради Х причини. Младите на оваа улица го поминуваат викендот и што е навистина интересно, тоа го прават само од десната страна на улицата. Левата е секогаш празна т.е ако одиш по таа страна – глуп си. Од таа страна на улицата се наоѓа нашиот Младински Парк. Местото за мене е најубавиот дел од градот. Има големи тревници со голем број на клупи и интересни патчиња. Тука се наоѓа и најголемата фонтана во Македонија а десно од нејзе моментално се гради новиот Народен Театар. Лево од фонтаната се гради нова Црква, која што речиси е завршена со карактеристична градба. Позади црквата се наоѓа велешката Гимназија. Овде порано се образуваше велешкиот “крем” но денес во неа можеш да најдеш се и сешто. Во близина на Младинскиот парк, се наоѓа градскиот базен каде што го минеме поголемиот дел од летото. Веднаш до базенот се наоѓа Големиот парк каде порано старите луѓе поминуваа голем дел од времето, но не и денес. Местото е запуштено и прилично опасно да се посетува, особено во доцните часови. Од другата страна на базенот се наоѓа спортската сала 25ти Мај. Веднаш до неа се нашите дискотеки Импакт и Ноктурно каде младината ги мине викендите.

Населба тунел е карактеристична по големите отворени спортски игралишта каде во текот на летото се организираат голем број на турнири во фудбал. Нема многу што да се каже за оваа населба освен тоа што е на самиот излез од градот.

Населба Којник. Еден прилично интересен дел од градот каде што можеш да отидеш само ако си во добро физички спремен. Се наоѓа на самиот рид Вршник, прилично високо над градот од каде имаш многу добра глетка на голем дел од градот. Местото е карактеристично со тесни улички каде што две коли тешко да се разминат. 100%-но се состои од куќи, залепени една до друга, со тесни сокаци кои велешани уживаат да ги шетаат секојдневно. Во близина се наоѓа црквата Свети Пантелејмон, која преставува прилично стара градба.

Шорка немам многу претстава какво место е. Не знам ни дали воопшто некој живее таму. Се состои од некои мини-магацини на фабрики а од другата страна на оваа населба се наоѓа старата Железничка станица која воглавно е најкористена од страна на студентите кои студираат во Скопје.

Велес е град на културата, град на Рациновите средби, град на Пастрмајлиите. Во Велес се приготвува најдобрата скара. Ингилизот е најпознат по неговата скара. Пицеријата Снупи е исто така одлично место каде што има добра понуда на храна за малку пари. Од другата страна се наоѓа и Ресторанот Снупи.

Ноќниот живот е одличен. Веќе напоменав дека Велес е карактеристичен по корзото. Овде младите шетаат од некогашен Ерик па се до Панини. Пријатно е што речиси сите се знаат и е добра прилика да се видиш со сите што не си ги видел долго време. Навистина забавно место. Десно од корзото се наоѓаат голем број на кафиќи меѓу кои Аквариус, Интро, Прего, Ескејп, Мурано, Стоунс итн. До 12 часот младите го минат времето тука. После тоа се преминува во нашите дискотеки Ноктурно, Импакт и повторно-отворениот Down Town (една од најголемите дискотеки во Македонија). Секој викенд има добра понуда на музика од кои најредовни се нашите домаќини R’n’B Brothers (Игор и Роберт) и Тринити бенд.

Велес е некогашната најголема индустриска сила во Македонија. Но тоа е минато. Некогашната Топилница, Лозар, Маслодајна Благој Ѓорев, ХИВ... не функционираат како што треба или пак воопшто не функционираат. Невработеноста во градот е огромна, па луѓето наоѓаат спас во нашиот сосед и воедно главен град на Р.М. – Скопје. Оваа криза е веќе долго време присутна во нашиот град и никој не се обидува да поработи на овој проблем со кој се соочуваат голем број на семејства. Уништен е индустриски град. Уништена се цели генерации, а и покрај тоа се трудат и наоѓаат начини да преживеат, да фатат ритам со новите текови. Да не зборувам пак за загаденоста. Воздухот, водата, почвата.. научниците велат дека и после затворањето на Топилница, потребни се минимум 80 години за да се исчистат тие хемикалии од нашиот град. Години што ние можеби нема да ги доживееме и затоа никој не се залага да превземе нешто. Но потребно е да се размислува малку подолгорочно, за нашите поколенија, за нашите деца, внуци.. да можат тие да живеат во чиста средина како што бил Велес некогаш.

Но и покрај сите тие негативности кои ги има насекаде, Велес е прекрасен. Жив, весел, динамичен, полн со врева, со млади, со песна. Некаде прочитав дека Велес некогаш бил и град на Серенадите. Лично немам сретнато такво нешто, но бидејќи велешани се познати како добри оговарачи, лесно се шират сите тие романтични “скандали”. Велес е град на младите. Ако некаде во нашава земја, младите имаат потполна слобода на движење, на избор, на дружење, тоа е Велес. Без оглед на годините, на полот, младите во Велес излегуваат без никакви закани и забрани, можеби затоа што речиси сите се знаеме и на некој начин сме сигурни дека нема да ни се случи ништо лошо. Младите не се нервираат ако немаат доволно пари да ги посетат нашите локали, бидејќи градот е жив до доцните часови во ноќта преку нашето корзо. Интересен град. Традиционален град. Град полн со добри луѓе. Град исполнет со надеж. Град полн со смеа и мајтап на сопствена сметка...

Да не заборавам да ги споменам велешките девојки. Велес од секогаш бил познат по убавината на нашиот понежен пол. Кој сака нека рече, од велешко моме поубаво нема.

Има уште многу да се пишува за нашиот град, за неговиот народ, за знаменитостите, за ново-отворените универзитети и многу други убави работи... но нема да должам, кој не бил, нека го посети, го убедувам дека нема да си замине незадоволен.

Поздрав!

7 comments:

  1. Nema pazar u chetvrtok

    ReplyDelete
  2. Благодарам за корекцијата. Мислев на петок.
    Поздрав!

    ReplyDelete
  3. Не ти е лош текстов ама си утнал со сарказмот, не ти стои, инаку вистина има.

    ReplyDelete
  4. kazi nesto za taretanite, za stadionot opsto za sportot, za mafijasite, drogirasite - pretstavi go malce vo underground stil.

    ReplyDelete
  5. ej, ova so korzovo me nasmea, ako ojs odlevo si glup :D

    ReplyDelete
  6. Да ти честитам за трудот Велес да го претставиш во убаво светло.Браво за желбата твојот град да биде застапен на сајтот.Една корекција, споменикот во центарот не е на Крали Марко, туку на Илинденците.И сеуште не пронајдов дека Велес бил Бог на говедата, знам дека бил на шумата..??!! Во сдекој случај поздрв и честитки за убавиот профил на Велес

    ReplyDelete
  7. Благодарам за корекцијата. Не бев запознаен добро а и не сум забележал дали има плоча на која може да се прочита опис на споменикот.

    За Велес дека бил Бог на говедата имам слушнато од мојот учител во основно училиште а колку е веродостојно не знам. Прогуглав, и видов дека е Бог на подземјето..но бидејќи немам некои цврсти докази нека остане како што е.

    Поздрав!

    ReplyDelete

Тука можеш да оставиш коментар поврзан со конкретната статија.